Кучиња

Кучето како домашен миленик

 

Голем дел од луѓето кои ќе се решат да набават куче како домашен миленик, однапред знаат која раса ќе одберат. Постојат две основни поделби на кучиња: чистокрвни и "мешана раса" на кучиња.

Поимот чистокрвна раса на кучиња означува сигурен и проверен податок дека некое куче потекнува од родители кои припаѓаат на иста раса. Припадниците на иста раса носат одредени карактеристични наследни особини со кои се разликуваат од другита раси на кучиња. Денеска во светот на кинологијата постојат голем број на чистокрвни раси настанати низ историјата. Доколку решите да набавите чистокрвна раса задолжително пред набавка, проучете ја литеатурата и запознајте се со физиологијата, темпераментот и основните карактеристики на одбраната раса. Пред да го купите или вдомите вашето чистокрвно куче задолжително посетете ја одгледувачницата за да се уверите дека во неа навистина се одгледуваат кучиња,дека кучката и малите кутриња се во добра форма и се чуваат на правилен начин. Причината за вакво нешто е поради тоа што во последно време постојат многу препродавачи и илегални трговци кои од соседните земји увезуваат мали кучиња со лоша здравствена состојба и со непознато потекло. Овој случај е најраспространет кај најпопуларните и најбараните раси. Чистокрвните раси на кучиња имаат цена која зависи од многу фактори како што се потеклото, расата, моменталната популарност на расата, како и квалитетот на самата одгледувачница.Со чистокрвните кутриња новиот сопственик ќе добие и педигре(родовник), во кој се наведени предците на кутрето.

 

 

"Мешаните" кучиња се настанати со парење на родители кои се од различни раси и ги имаат особините на тие раси. Кутрињата од мешаните раси по правило е бесплатни и можат да се набават на различни начини. Доколку се решите за "мешано куче", секако посетете некој од многубројните азили за кучиња. Таму се наоѓаат и изгубени кучиња, на различна возраст , различни раси и доколку не ви важно вашиот нов миленик да е чистокрвен, тогаш азилот е идеално место за одбирање на нов сопственик.

Еден од можните проблеми со мешаните кучиња е тоа што кај малите кутриња никогаш со сигурност не можете да определите колку ќе порасне тоа куче. Но за тоа постои едно правило-познато како "правило на големината на шепата на кучето".Ако кутрето има големи шепи во однос на телото, веројатно ќе израсне во големо куче. Се верува дека мешаните кучиња се поотпорни и помалку се подложни на болести од кои заболуваат чистокрвните раси.

Доколку сте во можност, набавете младо кутре. Возрасните кучиња имаат веќе оформен карактер и однесување, па затоа потешко ќе се дресираат и потешко ќе се прилагода на новиот сопственик и новиот дом.

Најдобро е да се земе кутре на возраст од околу 5 недели возраст, бидејќи тогаш веќе почнуваат да ги покажуваат своите карактерни особини. Кутињата се одвикнуваат од својата мајка на возраст од 8недели. Ако сте во можност, најдобро е извесно време да поминете во набљудување на целото легло. При одбирање на младо кутре, треба да се избегнуваат оние кои се премногу доминантни, како и оние кои се преплашени и мирни. Кутрето треба да биде малку дебелко, со бистри очи и здраво влакно, без видливи знаци на некоја болест или пореметување.

Една од занимливостите е животниот век на кучињата. Во просек едно куче живее 12,8години. Колку ќе живее вашето куче зависи од многу фактори како што се раса на кучето, физичката активност, исхраната и болестите. Големите раси, во просек, живеат во просек пократко од малите раси.

Просечен животен век на некои раси на кучиња:

  • - Германски овчар – 11 години;
  • - Jack Russell териер – 13 години;
  • - Златен ретривер – 12.5 години;
  • - Shih-tzu - 13 години;
  • - Германски боксер – 10 години;
  • - Малтезер – 13 години;
  • - Пудла – 15 години;
  • - Француски булдог – 7 години;
  • - Ротвајлер – 8.5 години;
  • - Мешани раси на кучиња – 13.5 години
  •  

     

    Нов дом

     

    Пред набавка на нов домашен миленик,задолжително обезбедете место каде ќе лежи и спие.Освен кревет, за кучето треба да се набави и огрлица, поводник, некоја играчка, здела за храна и вода и нормални храна. Што се однесува до исхраната, во никој случај не хранете го вашето куче со храна за луѓе, посебно не со коски! Денеска постојат различни видови на премиум храна за сите раси и возрасти на кучиња, кои во себе ги содржат сите потребни состојки за вашиот домашен миленик. Хранење на кучето со храна за луѓе или со неквалитетна храна за кучиња, многу често доведува до пореметување во варењето, како и до алергии кои се лекуваат кај ветеринарот. Во врска со точниот вид храна советувајте се со ветеринарот.

    Веднаш по доаѓањето на кучето во вашиот дом, ќе се соочите со првиот проблем како да го научите да не ги обавува физиолошките потреби во домот. На возраст од околу осум недели, непосредно пред извршување на нужда, кутрето ќе почне да кружи на одредено место во домот. Тоа е знак дека се подготвува за нужда, и штом ќе го забележите тоа, веднаш изнесете го надвор.На почетокот, изведувајте го кутрето повеќе пати дневно, задолжително после јадење или спиење. После успешно извршена нужда надвор од домот, кутрето треба да се пофали. Ставањето на муцката во изметот со цел да се научи каде да ја извршува нуждата, нема резултат и ефект. Пожелно е преку ноќ, да се постават стари весници околу местото каде лежи кутрето, за да, ако случајно ја изврши нуждата на тоа место, хартијата да ја впие течноста. Треба многу трпение околу стекнувањето навика за вршење физиолошки потреби.Притоа, кутрето не треба да се казнува или да се тепа. Важно е да се напомене дека кутрето може да се изведува надвор исклучиво во вашиот двор, и тоа само после две недели откако ќе ги прими сите вакцини. Невакцинирано кутре е многу подложно на заразни болести кои лесно може да ги добие во контакт со други кучиња.

     

     

    Грижа за здравјето на кучето

     

    По пристигнувањето во новиот дом, на кутрето треба да му се дадат лекови(таблети, сируп или паста)кои ги елиминираат внатрешните паразити, глистите кои се многу чести кај малите кутриња. Чистењето од паразити(дехелминтизација) се изведува на 2, 4, 6 и 8 неделна старост а потоа на 1 месец до возраст од 6 месеци. После тоа чистењето од внатрешни паразити се препорачува да се изведува на 3 месеци. Важно е да се напомене дека изметот после дехелминтизација треба да се тргне од неговата близина за да не се зарази повторно.

    Со вакцинацијата се спречуваат заразни болести кои можат да предизвикаат и смрт. Со редовна вакцинација се спречуваат следниве заразни болести:

    • - Штенеќак, вирусна болест која за кутрињата може да биде фатална;
    • - Заразен кучешки хепатитис, вирусна болест предизвикана со аденовирус;
    • - Парвовироза и Парвоинфлуенца, вирусни болести на дишните патишта;
    • - Лептоспироза, бактериска инфекција.

     

    По котењето, малите кутриња со сисањето на мајчиното млеко стекнуваат природен имунитет кон одредени болести. Најдобро е да се започне со вакцинација во период од 8 до 12 недели, бидејќи тогаш имунитетот ослабнува. Вакцинацијата е најдобро да се повтори после три недели, за да отпорноста кон заразните болести е појака и подолготајна. Вакцинацијата против овие болести препорачливо е да се повтори еднаш годишно.

    По навршените четири месеци старост, кутрето , според закон, треба да се вакцинира против беснило.

    Задолжително е ставање на микрочип, постапка која е слична на вакцинација, при што чипот се имплантира под кожата на вратот на левата страна и засекогаш останува под кожа. Оваа постапка на кучето не му пречи и не предизвикува чешање, нелагодност или нервоза. Чипот содржи шифра од 15 знаци. Во пасошот се внесува истиот број на чипот кој е имплантиран во кучето, а воедно се внесуваат и податоци за сопственикот, па поради тоа многу е лесно и едноставно да се пронајде сопственикот на изгубеното или напуштеното куче.

    Освен наведеното, својот миленик мора да го третирате и со препарати против надворешни паразити како што се болвите и крлежите. Освен што предизвикуваат чешање, иритација и оштетување на кожата и влакното, надворешните паразити последните години се сметаат за сериозен проблем поради можноста за пренесување на заразни болести кај луѓето. Третирањето е едноставно. Антипаразитските препарати во форма на ампула се нанесуваат на кожата на кучето, а третманот се повторува после неколку месеци.

    За долг и здрав живот на вашиот домашен миленик важно е да се придржувате на основните правила за чување на вашиот миленик. Но, најважно е да му дадете безгранична љубов,топлина и дом. Вашиот миленик ќе ви биде благодарен за вложениот труд, трпение и пари, низ безброј убави и незаборавни моменти кои ќе ги делите со него долг период. А и ќе почувствувате зошто многу луѓе велат дека токму кучето е најдобриот човеков пријател.

     

    Крлежи – Сезоната започна, заштитете ги вашите миленици, а со тоа ќе се заштитите и вие и вашите најмили

     

    Крлежите се ектопаразити кои паразитираат на топлокрвни животни, но често ги напаѓаат и луѓето. Кога ќе се најдат на животните или човекот крлежите цицаат крв и се хранат со крвта, за да го одржат својот развој и за размножување. Со своето присуство на кожата го иритираат домаќинот и може да доведат до појава на алергиски реакции и да предизвикаат појава на таканаречената крлежна парализа (tick paralysis) и анемија. Најголемата опасност која доаѓа од крлежите е тоа што тие претставуваат вектори во пренесување на некои бактериски, вирусни и протозоални болести. Крлежите најчесто живеат во шумите, високи треви, грмушки, и други области покриени со густа вегетација. Нивниот радиус на движење е мал, се движат во ширина на само неколку метри во потрага по храна. Крлежите не го бараат активно својот домаќин туку домаќинот ги собира крлежите кога минува низ тревата, грмушките и другите живеалишта на крлежите. Крлежите се искачуваат на врвот на тревата и го чекаат својот домаќин да помине. Кога домаќинот (животно или човек) ќе му се приближи на крлежот, крлежот се прикачува на телото на домаќинот и си бара пригодно место на домаќинот за да цица крв. Кога ќе се прикачи на домаќинот крлежот со помош на својот специфичен устен апарат - рилка ја прободува кожата и цица крв. Каснувањето од крлежот е безболно, бидејќи крлежите лачат анестетска материја и од таа причина тешко е да се почувствува кога крлежот ќе се прикачи на кожата.

    При цицањето на крвта крлежите ги земаат само хранливите материи, а остатокот не го исфрлаат преку својот систем за варењето на храната туку буквално ја повраќаат содржината назад во домаќинот. Содржина која ќе биде повратена назад во домаќинот може да содржи предизвикувачи на заразни болести па затоа е важно да се отстрани крлежот пред да ја поврати содржината. Исто така и плунката на крлежите може да содржи предизвикувачи на заразни болести. Крлежите се најактивни во пролет и во есен, а во текот на студените денови од годината се неактивни. Поради оваа причина, шетањето на домашните миленици во рана пролет и есен претставува голем ризик.Кај кучиња, крлежите најчесто се наоѓаат на главата и вратот. Најлесно можат да се забележат кога ќе се нацицаат крв затоа што тогаш тие ја зголемуваат својата големина. Кaj мачките многу поретко се застапени крлежите отколку кај кучињата.

    Штетните ефекти на крлежите кај кучињата и мачките: Кога ќе се случи каснување од крлеж на местото на убодот настанува оштетување на кожата кое може да претставува влезно место за инфекции. Плунковните жлезди на крлежите како и плунката на крлежите може да содржат предизвикувачи на заразни болести.

    После цицање на крвта крлежите во системот на домаќинот повраќаат содржина која може да содржи предизвикувачи на заразни болести и на тој начин крлежите се вектори на многу болести. Најчестото заболување кое крлежите го пренесуваат на кучињата е бабезиоза, потоа Лајмската болест - Лајмска Треска (борелиоза), ерлихиоза и други.

    При отстранување на крлежот, тој не смее да биде физички повреден, раскинат, не смее да се изгори или да се иритира со различни средства: нафта, бензин, алкохол ... Сите овие активности уште повеќе го поттикнуваат лачењето на плунката на крлежите, а со тоа и влезот на патогените и појавата на инфекции, додека со кинењето на крлежите спирохетите директно се внесуваат во крвта. Поради оваа причина, отстранување на крлежите од кожата на кучињата, мачките или човекот треба да го изврши лекар или ветеринар. Крлежите треба да се отстранат со помош на пинцета, фаќајќи ја рилката (устниот апарат) што поблиску до кожата, а по отстранувањето на крлежот од местото на убод, тоа место треба убаво да се дезинфицира. Отстранетите крлежи треба да се изгорат, и никако не смеат да се гмечат или газат, бидејќи може да содржат предизвикувачи на заразни болести кои можат да се пренесат и на луѓето (Лајмската болест е една од нив). Крлежите треба што е можно поскоро да се отстранат од животните, бидејќи на овој начин се избегнува пренос на заразни болести. Ако се работи за поголем број на крлежи кои се наоѓаат на миленикот, миленикот може да се избања во специјални раствори, емулзии или суспензии на акарицидни средства и сето тоа да биде под надзор на ветеринар.

    Превенција: При шетање на миленичиња треба да се избегнуваат области каде што има крлежи (висока трева, грмушки, гранки), особено во пролет и лето. Ако после шетањето на миленикот се забележи крлеж на него потребно е веднаш да се обратите на ветеринар. Постојат голем број на средства за заштита од крлежи но и болви и други ектопаразити за кои модерната ветерина создала многу ефикасни препарати од кои голем број се достапни во Ветеринарната амбуланта HappyPet ,каде може да добиете бесплатни совети и најадекватна заштита за Вашиот миленик.

    Здравјето на Вашиот миленик е наша грижа и обврска

Нашата локација

 

Контакт

 

Работно време

  • Понеделник - Петок:
  • 09:00 - 19:00
  • Сабота:
  • 09:30 - 14:30